Екипата на Рино Гатузо забележа пораз во финалето на СуперКупот на Италија против екипата на Јувентус. Новото засилување за Јувентус, Кристијано Роналдо, беше херојот на натпреварот, во кој видовме и многу контроверзни одлуки на главниот судија Лука Банти, како и црвен картон за играчот на Милан, Франк Кеси. По натпреварот, свое видување за настаните на теренот дадоа тренерот Рино Гатузо и капитенот Алесио Ромањоли.
РИНО ГАТУЗО
Им честитам на момците за прикажаната игра, бевме казнети со идивидуален потег, загубивме бидејќи тие во вистинскиот момент одиграа одлично, а ние бевме малце послаби на техничко ниво. Поразот е разочарувачки бидејќи ние дадовме се, а победа во ваков натпревар ќе беше од исклучително значење.

Џенаро Гатузо на финалниот натпревар од СуперКупот на Италија помеѓу Јувентус и Милан, 16.01.2019
Судиските одлуки? Лесно е да се бараат изговори. Јас сум многу разочаран бидејќи прекинаа еден наш напад поради офсајд, но истото не важеше и за Јуве. Тоа ме прави гневен, не ми се допаѓа тој однос. Ние културно бараме објаснување но никогаш не сме добиле такво нешто. Ова ме лути, но мора да се прифати. Пенал за Конти? Вие кажете ми дали беше или не. Не би сакал да плачам или да се жалам, но ние ќе бидеме без неколку важни играчи на натпреварот против Џенова. Треба да се пофали овој тим, а ние треба да продолжиме со истиот пристап и да не се предаваме. Не победивме, но одигравме добар натпревар. Во моментов, најважно е да се одмориме и да си ја вратиме енергијата. Потребно е да останеме смирени, се уште има многу работи за подобрување. Сега фокусот го насочуваме кон лигата и купот.

Лукас Пакета во дуел со Родриго Бентанкур за време на финалниот натпревар од СуперКупот на Италија помеѓу Јувентус и Милан, 16.01.2019
Пакета? Тој е навистина важен играч, одлично го покриваше теренот и се вклучуваше во играта. Лукас одигра навистина добар натпревар, покажа карактер и цврстина. Навистина ми е жал што го загубивме овој натпревар.
АЛЕСИО РОМАЊОЛИ
Покажаните картони беа навистина чудни, добивавме жолт или црвен картон при првиот контакт. Навистина е иритирачки кога јас, како капитен на овој тим, ќе го прашам судијата за објаснување и ќе добијам опомена или жолт картон. Поради овој жолт картон, јас ќе бидам суспендиран за наредниот натпревар. Ние покажуваме почит но треба да добиеме почит исто така. Пенал за Конти?

Судијата рече дека целата ситуација нема воопшто да се прегледа на видео снимка, но јас мислам дека беше во најмала рака дискутабилна ситуација, ситуација која вреди да се прегледа на видео снимка бидејќи станува збор за 90та минута од натпреварот. Одигравме солиден натпревар, свесни сме за нашите квалитети и треба да продолжиме со исто темпо и да се подобруваме. Ни претстои навистина тежок меч во Џенова, да се надеваме на победа и враќање во битката за пласман во Лигата на Шампионите.