Семејството Рикетс, една од најбогатите фамилии во САД, ги потврди своите намери за купување на мнозинскиот дел акции на Милан и долгорочни инвестиции кои би донеле успех во клубот.
Според сите информации кои кружат низ медиумите, Јонгхонг Ли ги живее своите последни денови како сопственик на Милан. Се верува дека Ли е во преговори со два различни потенцијални купувачи од Америка, а едниот од тие штотуку излезе и јавно ги објави своите намери. Станува збор за фамилијата Рикетс, кои се сопственици на бејзбол тимот Чикаго Кабс и се 66-та најбогата фамилија во САД, според реномираниот Форбс. Во продолжение, ќе ви пренесеме дел од изјавата за медиуми на фамилијата Рикетс, поврзана со шпекулациите за купување на мнозинскиот дел акции на фудбалскиот клуб Милан.

Сопственикот на Чикаго Кабс, Томас С. Рикетс, во интервју за Фокс по победата на Чикаго Кабс над Лос Ангелес Доџерс
“Фамилијата Рикетс (не само Том) се заинтересирани за купување на мнозинскиот дел акции на фудбалскиот клуб Милан. Иако Том е главната фигура, целата фамилија и сите фамилијарни финансиски ресурси се вклучени во оваа работа, исто како што беше во случајот со бејзбол клубот Чикаго Кабс. Фамилијата Рикетс му донесе шампионска титула на Чикаго Кабс, преку долгорочни инвестирања и стабилно работење. Ваквиот пристап и начин на работа тие сакаат да го пренесат и во Милан, каде нема да има нагли промени, туку инвестиции на долг рок кои би донеле долготраен успех.”

Сопственикот на Милан, Јонгхонг Ли, со неговата десна рака, Давид Хан Ли
Реномираниот медиуми MilanNews.it тврди дека преговорите помеѓу фамилијата Рикетс и Јонгхонг Ли се во напредна фаза. Хан Ли, десната рака на Јонгхонг Ли, е веќе во Њу Јорк каде се водат преговорите. Скај Италија оди до таму што тврди дека преговорите се при крај и можно е во текот на наредната недела да има и финална потврда за продажбата на клубот.
Овие вести се особен важни бидејќи Јонгхонг Ли се уште не ги исплатил очекуваните 32 милиони евра. Ако тој не успее да ги достави парите до финалниот рок (9-ти јули), за очекување е фондот Елиот да ја покрие таа сума. Преговорите се одвиваат брзо, па за многу брзо време можно е гигантот Милан да стане американски.