Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

После 8 одиграни кола во Серија А, следува двонеделна репрезентативна пауза. Единаесет играчи на Милан ќе заиграат за своите репрезентации во престојниот период. Следуваат натпревари од Лигата на нациите, како и пријателски утакмици. Останатите играчи ќе останат во Милано, каде ќе му бидат на располагање на тренерот Рино Гатузо кој ќе го подготвува тимот за градското дерби против Интер.

Италија ќе одигра два натпревари, пријателски против Украјна во Џенова и меч против Полска на гости како дел од Лигата на нации. Селекторот на Азурите, Роберто Манчини, повика 4 играчи на Милан, Донарума, Бонавентура, Кутроне и капитенот Ромањоли. Но, Ромањоли и Кутроне, поради неодамна стекнатите повреди ќе останат во Миланело и ќе работат на санирање на истите. Бонавентура и Џиџо Донарума, кој беше оценет со највисоки оценки во претходните настапи за Италија, ќе бидат достапни на Манчини за престојните натпревари.

За младинската селекција на Италија, Калабриа ќе биде достапен за пријателските натпревари против Белгија и Тунис, Плизари за утакмиците против Англија и Португалија, а Беланова во првата фаза од европските квалификации против Естонија, Финска и Данска. Халиловиќ ќе настапи за Хрватска во мечевите против Грција и Сан Марино во квалификациите за Европското првенство.

Чалханоглу после маестралниот гол против Шведска и победата на Турција од 3-2, се враќа во репрезентацијата во пријателски меч бротив Босна и Херцеговина и натпревар од Лигата на нациите против Русија следната недела. Рикардо Родригез и Швајцарија ќе одиграат две утакмици: пријателска против Белгија на гости и против Исланд, повторно на гости во Рејкјавик. Сусо, кој дефинитивно од натпревар во натпревар е се’ подобар, ќе биде дел од составот на Шпанија во два натпревара исто така. Првиот натпревар Шпанците ќе го одиграат во Кардив против Велс, а потоа, на домашен терен во Севиља, тие ќе ги одмерат силите со Англија во меч од Лигата на нациите.

Што се однесува до натпреварите надвор од Европа, Кеси ќе игра за Брегот на Слоновата Коска, во двомеч против Централно Афричката Република и против Гвинеа на гости како дел од квалификациите на Афричкиот куп на нации. Лаксалт и неговиот Уругвај ќе одиграат две пријателски утакмици на гости, против Јужна Кореа и Јапонија.