Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Како и претходното, така и ова трансфер лето, Милан се наоѓа во турбулентен период. Лани стануваше збор за фудбалски трансфери, а ова трансфер лето фокусот е на промени во менаџментот на клубот. По разрешувањето на Марко Фасоне, денес новите сопственици на Милан се решија да му доделат отказ и на спортскиот директор на Милан, Масимилијано Мирабели.

Мирабели ова утро, во Каса Милан, се сретна со в.д. претседателот на клубот, Паоло Скарони. Според повеќе извори, средбата траела околу 50 минути, каде на Мирабели му бил врачен отказот. MilanNews.it пренесува дека отказот бил врачен откако не успеале да се договорат за спогодбен раскин на договорот, додека пак Sportitalia пренесува дека воопшто не се дискутирало за спогодбен раскин на договорот, туку в.д. претседателот Скарони му врачил писмо на Мирабели во кое било наведен отказот.

Непосредно по средбата, клубот и официјално излезе со кратко соопштение, кое ќе ви го пренесеме во целост.

Милан соопштува дека, од денес па натаму, го раскинува договорот со Масимилијано Мирабели кој ја вршеше должноста Спортски Директор во Клубот. Ново лице – кое веќе е договорено – ќе му биде доверен техничко-спортскиот дел и ќе биде објавено во најкус можен рок. Џузепе Манџарано е исто така разрешен од неговата улога како Спортски Генерален Секретар, одлука која стапува веднаш.

 

Според дел од  медиумите, бившиот росонер Леонардо наскоро и официјално ќе се приклучи на клубот и ќе ја превземе позицијата на Масимилијано Мирабели, додека пак останати медиуми шпекулираат со повеќе имиња, меѓу кои се најдоа Кристијано Џунтоли од Наполи и Игли Таре од Лацио.