Најава: Милан – Јувентус | Борба до крај!

by Daniel

 

По нерешениот резултат 1-1 против Бетис, во рамките на групната фаза од Лига Европа, момците на Рино Гатузо се можеби пред најсериозниот предизвик во досегашниот дел од сезоната. Милан против Јувентус на Сан Сиро! Овој дуел на ривалите од северниот дел на Италија некогаш беше најголемото дерби во Серие А, но во изминативе неколку години, поради драстичната разлика во квалитетот, овие мечеви не носеле таква возбуда како во минатото.

Алекс Дел Пиеро и Паоло Малдини како капитени во дербито Милан – Јувентус

 

ЈУВЕНТУС

Екипата на Јувентус влегува во овој дуел по поразот на свој терен од страна на Манчестер Јунајтед, во рамките на групната фаза од Лигата на Шампионите. Екипата на Масимилијано Алегри пропушти можност да се одлепи на првото место во групата и да си го загарантира пласманот во елиминационата фаза на две кола пред крај на групната фаза. Во италијанското првенство, Јувентус е досега неприксновен и се наоѓа на првата позиција, со 10 победи и само 1 нерешен резултат, киксот на домашен терен против составот на Џеноа. За разлика од својот колега на спротивната страна, Алегри нема поголеми проблеми околу формирање на својот состав, па за очекување е да се одлучи за својот најсилен состав, меѓу кој се наоѓа повратникот во бело-црниот дрес, Леонардо Бонучи. Ќе биде интересно да се види како ќе биде пречекан на Сан Сиро од страна на фановите на Милан, знаејќи го фактот дека минатата сезона го носеше црвено-црниот дрес и капитенската лента.

Леонардо Бонучи во прослава по постигнување на гол против својот тогаш поранешен клуб Јувентус, 31 март 2018

 

МИЛАН

Милан влегува во овој натпревар по нерешениот резултат 1-1 со екипата на Бетис, во рамките на групната фаза од Лигата на Европа. Вреди да се напомене фактот дека момците на Рино Гатузо имаат навистина солидни бројки кога настапуваат на својот Сан Сиро, успевајќи да останат непоразени и при тоа да додадат 4 победи и само 1 нерешен резултат.

Рино Гатузо пред почетокот на натпреварот Милан-Наполи на Сан Сиро, 15 април 2018

 

Рино Гатузо и неговиот Милан се наоѓаат во сериозни проблеми пред овој навистина важен натрпевар во италијанското првенство. Натпреварот со Бетис донесе големи проблеми за Милан, бидејќи и така веќе долгата листа на повредени играчи, се надополни со името на Матео Мусакио, кој се повреди на бизарен начин, удирајќчи се во својот соиграч Франк Кеси. Покрај Мусакио, надвор од тренажен процес се и Лукас Биглиа, Матиа Калдара, Џакомо Бонавентура. Знак прашалник за настап на дербито со Јувентус имаат Хакан Чалханоглу, Давиде Калабрја, Франк Кеси и Патрик Кутроне, кои се опоравуваат од своите повреди. Поради ваквиот медицински билтен, просторот за маневар на Рино Гатузо е ограничен, па затоа ќе биде навистина тешко да се одберат најдобрите 11 за овој натпревар.

Можни стартни состави за натпреварот Милан-Јувентус, според Газета дело Спорт

Околу можниот состав, сигурен за настап е голманот Донарума, кој воопшто не настапи на мечот со Бетис во четвртокот. Медиумите шпекулираат дека Давиде Калабрија ќе успее да се опорави од својата повреда и ќе се најде на стандардната десна бековска позиција, а заедно со капитенот Ромањоли, Кристијан Запата и Рикардо Родригез ќе ја формираат одбраната на Милан. Според Газета дело Спорт, Рино се одлчил за класична 4-4-2 формација, каде на крилните позиции ќе се најдат Сусо и Лаксалт, а во централниот дел тандемот Кеси-Бакајоко. И во нападот проблемите се неминовни, каде речиси сигурно место има бившиот играч на Јувентус, Гонзало Игуаин, кој се опорави по повредата здобиена на мечот против Удинезе. Околу неговиот партнер во нападот, медиумите шпекулираат со имињата на Кутроне и Кастиљехо, бидејќи Кутроне се уште не е соодветно опоравен од својата повреда.

 

 

МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ

Кога станува збор за меѓусебните дуели, екипата од Торино доминира, бележејќи 5 победи во последните 5 натпревари, меѓу кои и победата во финалето на Купот на Италија. Она што плаши е фактот од последните 7 меѓусебни дуели на Сан Сиро, екипата на Милан не успеала да постигне гол на 3 од тие 7 натпревари. Од друга страна, Милан е се уште единствената италијанска екипа која има најмногу победи против Јувентус, вкупно 49 во досегашните дуели. Последната победа на Милан над екипата на Јувентус е на 22 октомври 2016 година, кога младиот Локатели со силен проектил успеа да го матира Џанлуиџи Буфон.

 

Многу историја, многу драма и многу незаборавни дуели. Да, Јувентус е актуелниот италијански шампион и реално поквалитетна екипа во овој дуел, но Милан на Рино Гатузо дефинитивно нема да се предаде. Ако нешто може да вети Гатузо, тоа е борба до последната минута. Сепак, станува збор за дерби, еден натпревар каде и најситниот потег може да биде решавачки. Ние како фанови, можеме само да се надеваме на добро издание и нескромно да посакаме гол на Гонзало Игуаин за победа на Милан!

 

You may also like

Leave a Comment