Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан вчера извести за ангажманот на Иван Газидис на позицијата извршен директор (CEO). Газидис ќе ја преземе функцијата на 1 декември годинава, кога ќе му бидат пренесени сите извршни надлежности од страна на претседателот Паоло Скарони.

Иван Газидис е познато и почитувано име во светот на спортскиот менаџмент. Неговите успеси во спортскиот, како и во комерцијалниот дел на менаџирањето на врвни спортски колективи се евидентни. Тој беше еден од клучните лица во иницијативата за формирање на МЛС, професионалната фудбалска лига во САД. По заминувањето од Америка, Газидис отпочна соработка со Арсенал. Како извршен директор во Лондон, се смета за главниот двигател на трансформацијата на Арсенал во глобен бренд. Газидис го водеше процесот на финансиско зацврстување на Топџиите, по одлуката за изградба на исклучително модерниот, но и скап нов стадион. Клубот од Лондон, под водство на Газидис успеа да ги зголеми своите годишни приходи двојно, а значителен успех беше постигнат и во делот на комуникацијата со фановите преку модерните дигитални платформи.

Новиот директор на Милан извршува и уште неколку фудбалски функции на континентално ниво, особено поврзани со Асоцијацијата на европски клубови (ECA), каде што е член на извршниот борд и на неколку тела во рамки на асоцијацијата.

При прифаќањето на позицијата во Милан, Газидис изјави: “Навистина сум возбуден од идејата да го прифатам овој нов предизвик за мене и ќе направам се што можам да го осигурам враќањето на Милан на врвот. Во овој проект влегувам со оптимизам, најмногу поради талентот кој постои во клубот, вредните луѓе во организацијата, но и лидерите на спортскиот дел од Милан, пред се мислам на Леонардо, Малдини и Гатузо. Благодарен сум за довербата што претседателот Скарони ја има во мене, како и на целиот борд на директори на клубот и на сопствениците.”

 

Претседателот Паоло Скарони, назначувањето на Газидис за ЦЕО го искоментира на следниот начин: “Во име на бордот на директори и целиот клуб, го поздравувам и му посакувам добредојде на Иван во Милан. Позицијата извршен директор беше наш приоритет од првиот ден и работевме многу претпазливо за нејзиното пополнување. Со неговото искуство во фудбалскиот свет, Иван Газидис ќе донесе нови квалитети во менаџирањето и носењето на правилни потези за клубот. Тој помогна да се воспостават основите на американскиот професионален фудбал, го вивна Арсенал во фудбалските височини, а со нетрпение очекуваме тоа да почне да го работи и во Милан. Сега фундаментите за успех се веќе поставени, но за тоа ќе треба време, макотрпна работа и упорност.”

 

Основачот на Елиот Менаџмент, Пол Сингер истакна: “Во последните неколку месеци, претседателот Скарони, освежениот борд на директори, како и проветрениот менаџмент, му вдахнаа нов дух на Милан. Денешното соопштение само потврдува дека клубот е на вистинската патека и се движи во права насока. Иван Газидис е познат, почитуван и многу талентиран директор и вистинскиот да го води клубот до достигнување на целосниот потенцијал. Заедно со континуираниот фокус на Елиот, финансиската стабилност и соодветниот надзор што ја обезбедува, очекуваме успех на Милан онаму каде што е најважен – на теренот.”