По завршувањето на состанокот на Бордот на директори на клубот вчера, извршниот директор Фасоне зборуваше за Милан ТВ, објаснувајќи ја ситуацијата со одбивањето на УЕФА на т.н. договор за спогодба, како и за уште неколку теми поврзани со последната одлука на европската куќа на фудбалот.
НЕ ИТЕН, ТУКУ РЕДОВЕН КВАРТАЛЕН СОСТАНОК
“Не се работи за некаков итен состанок на Бордот предизвикан од минатонеделната одлука на УЕФА, туку за рутински и редовен состанок на квартално ниво. Целта на состанокот денес беше да се разгледа и одобри кварталниот извештај за работата на клубот, а тоа е нова обврска на која започнува од сезоната 2018/19. Го одобривме извештајот и можам да кажам дека се работи за позитивен напредок во резултатите за ова тромесечје, во споредба со нашите предвидувања за овој период пред почетокот на сезоната. Секако, на состанокот зборувавме и за проблемите поврзани со одбивањето на УЕФА, за дополнителните вложувања во клубот што треба да се направат до 30 јуни и за други поситни работи. Што се однесува до вбризгувањето на дополнителен капитал во клубот, вкупниот износ ќе изнесува 40 милиони евра, од кои 10 милиони веќе пристигаат, а дополнително ќе пристигнат уште 30 милиони.”
РЕФИНАНСИРАЊЕТО НА ДОЛГОТ
“Рефинансирањето на долгот на холдингот (долг на сопственикот Јонгхонг Ли) е малку покомплицирано и според информациите што јас ги имам, не верувам дека ќе се најде решение во така краток период (до одлуката на УЕФА во средината на јуни). Од друга страна, рефинсирањето на долгот на Милан би течело многу полесно и побрзо, штом се разјасни ситуацијата со долгот на холдингот.”
ТРАНСФЕР ПАЗАРОТ ПО ОДЛУКАТА НА УЕФА
“Одлуката на УЕФА не е пресудна, бидејќи, дури и да го замислиме најлошото можно сценарио, тоа би било исклучување на Милан од европските купови. Таквото исклучување сигурно ќе значи некакво намалување на приходите кое би требало да се земе предвид во текот на планирањето на летото. Меѓутоа, дури и да се случи тоа, зборуваме за некои 20-тина милиони евра. Тоа може да значи затегање на ременот при купувањето, но ова лето Милан сигурно нема да има 10 нови засилувања, затоа што планот не е таков. Ќе има 2 до 3 играчи кои ќе ги покријат клучните позиции во тимот, а кои ќе бидат идентификувани од тренерот и спортскиот директор. Така што, евентуалната негативна одлука на УЕФА, нема значајно да го загрози нашиот план за ова лето.”

ПРИЧИНИТЕ ПОЗАДИ ОДЛУКАТА НА УЕФА
“Се работи за комплексна одлука од УЕФА која нашите адвокати се уште ја разгледуваат. Одлуката е поврзана со идно сценарио за клубот, за кое постои одредена несигурност и недоверба од страна на УЕФА. Тие минатата недела го одбија нашето барање за спогодба и наместо тоа, сега ќе ја очекуваме одлуката на Советот (Adjudicatory Chamber). Сопствениците, преку Давид Хан Ли, присуствуваа на сите три сослушувања и навистина не ја очекуваа оваа одлука. Наместо ова, тие очекуваа прифаќање на нашиот предлог договор за спогодување, пропратено можеби со неколку помали казни, на кои беа спремни. Но вака, сопствениците се навистина разочарани и загрижени за оваа одлука. Сепак, ова нема да влијае на летното меркато.”
СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ НА КЛУБОТ
“Во врска со УЕФА, нашите следни чекори би биле насочени кон одбрана на аргументите на нашите тези и побивање на тезите кои се содржани во одлуката од минатата недела. Во преостанатиот период до одлуката на Советот, ќе поднесеме нови аргументи на кои не се задржавме во претхнодните сослушувања. Новите аргументи се однесуваат на теми кои се различни од досега објаснетото. Тоа е така затоа што ниедна одлука на УЕФА досега не се базирала врз перцепцијата и ситуацијата на сопственикот на клубот, туку на самиот клуб како организија и компанија. Сега, кога разбираме што е важно за УЕФА при одлучувањето, нема да се фокусираме на образложување на финансиските извештаи на клубот, туку на уверување во стабилноста и сигурноста на проектот и неговите финансиери.”
“Процесот на Советот на УЕФА се уште не е во детали познат, но тргнувајќи од нивниот рок во кој мора да се одредат учесниците во европските натпреварувања, можно е да има два можни термина. Со оглед на правото на жалба која кои би го имале во случај да не согласуваме со одлуката, би рекол дека, од денес со крајот на јуни ќе има два термина за одлуки. Едниот во првата половина на месецот, а евентуалната втора одлука, во втората половина. Како и да е, УЕФА до 30 јуни мора да ги дефинира учесниците во ЛШ и ЛЕ, така што дотогаш мора да има финална одлука за нас.”

СОРАБОТКАТА СО ФИНИНВЕСТ
“Ние сме во контакт со Фининвест (претходниот сопственик на Милан) веќе долго време, со оглед на тоа што заеднички работевме на договорот за спогодба, за кој очекувавме согласност од УЕФА. Цел овој процес се базира на информации и податоци од претходните неколку години, така што неопходна беше соработката меѓу претходните и сегашните сопственици. Правните тимови се во близок контакт и редовна комуникација. Треба да ја дочекаме финалната одлука на УЕФА, но сепак, постои исклучително фер однос помеѓу двете страни.”
НАВИВАЧИТЕ БАРААТ ТРАНСПАРЕНТНОСТ
“Се надевам дека проследив чисти и разбирливи пораки од менаџментот на Милан до навивачите на клубот за тоа што сме работеле периодов, што работиме сега и какви се нашите очекувања. И сето тоа се обидуваме да го правиме во апсолутно транспарентен процес. Можеби во иднина можеме и подобро од ова и јас сигурно ќе се потрудам да биде така.”