Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Уште еден “да се биде или не” натпревар за Милан и уште една пропуштена шанса, овој пат против Удинезе. Момците на Џенаро Гатузо се враќаат од гостувањето во Удине со само еден бод и горчина за пропуштената шанса која им ја понудија Интер и Сампдорија со своите киксови.

Милан мечот го започна одлично, веднаш наметна иницијатива и го контролираше темпото на играта, освојувајќи го секој дел од теренот. Одличната игра беше крунисана и со водство, благодарение на маестралниот гол на Сусо, кој од огромна далечина со фантастичен удар успеа да го совлада голманот на Удинезе. По голот, Милан притисна но не успеа да постигне гол до крајот на полувремето, па на одмор се отиде со резултат 0-1.

Во второто полуреме, Милан не ја повтори играта од првиот дел, а момците делуваа бледо и уморно. Клучниот момент на натпреварот се случи по еден старт на Калабрија, кој веќе имаше жолт картон, а по тој старт го заработи и вториот, со што го остави тимот на цедило и се упати кон соблекувалната. По црвениот картон, играчите се загубија на теренот, а истото го снајде и Гатузо, кој со две сомнителни измени, како да се реши да го брани резултатот. Нормално, казната следеше набрзо. Удинезе израмни по грешката на Донарума, кој си ја смести топката во сопствената мрежа. По изедначувањето, Удинезе притисна и се обиде да дојде до целосен пресврт, но Милан успеваше да одолее на нивните напади. На крај, сепак мечот заврши со резултат 1-1.

Може слободно да се жали поради вчерашниот резултат, бидејќи фантастичното прво полувреме на Милан ќе остане заборавено поради неискусниот потег на Калабрија и несреќно примениот гол. Штета, бидејќи момците на Гатузо не успеаа да ги искористат киксовите на Интер и Сампдорија и да се приближат поблиску до тоа толку посакувано четврто место. Гатузо ќе треба да си ги корегира своите грешки веќе во наредниот натпревар проти Спал, каде Милан е апсолутен фаворит и мора да ги освои сите три бода!

FORZA MILAN!