Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Во вечер која ветуваше многу, пред распродаден Сан Сиро, Милан загуби од Арсенал со резултат 0-2. Од каде да се почне со анализа? Дали може да се издвои некој виновник или сепак ова оди на душа на целиот тим? Ќе започнеме од почеток.

Росонерите го започнаа натпреварот во грч, со многу страв. Грешни додавања, збунети играчи без никаква идеја. Ваквиот очаен почеток го искористи тимот на Арсен Венгер, кој иако влезе во овој натпревар како благ аутсајдер, сепак покажа дека квалитетот е на нивна страна и го отвори резултатот. Митхтаријан царуваше на теренот и буквално го излуди младиот Калабрија, кој погреши и му дозволи на ерменецот да го доведе Арсенал во водство.

По голот, Милан продолжи со очајната игра. Момците на Гатузо делуваа како отсечени и буквално не знаеjа каде се наоѓаат. Тимот кој се врати од Рим со победа и пласман во финалето на купот, вечерва делуваше како екипа од третата италијанска екипа. Духот, енергијата и борбеноста, она што го красеше овој тим на Гатузо и причината поради која беа непоразени во 2018 година, ги немаше никаде. За проблемите да бидат поголеми, се погрижи Рамзи кој успеа да и избега на офсајд замката и да постигне гол за водство од два разлика.

Паузата на полувреме требаше да биде време за да се збијат редовите и да се врати духот и енергијата. Но, нажалост, ништо од тоа не видовме во второто полувреме. Милан продолжи со истиот очаен стил, со истата игра без желба. Можеби единствениот кој имаше енергија беше Рино Гатузо, кој постојано скокаше покрај аут линијата, довикувајќи кон своите играчи, кои делуваа загубено на теренот.

Во последниот дел од натпреварот, Милан напаѓаше без никаква посериозна закана, упатувајќи едвај еден удар во рамките на голот. По последниот свиреж на судијата, повторно се врати она лошо чувство во срцата на сите росонери. Како после овој пораз?

Од поразот против Арсенал можат да се научат многу работи. Овој пораз треба да делува како едно освестување, едно враќање назад во реалноста, дека треба уште многу да се работи за да се играат мечеви на вакво високо ниво. Потребно е да се насочат мислите кон натпреварот против Џенова, натпревар кој играчите на Милан треба да го искористат и да им покажат на фановите дека овој пораз со Арсенал беше само лош ден. Ситуацијата во Сериа А покажува дека Милан може до тоа толку посакувано четврто место, но за тоа треба многу борба и енергија!

FORZA MILAN!