Уште еден меч на Милан и уште едно разочарување по кое секој фан на Милан искрено, или подобро кажано, очајно се надева дека црвеното светло е запалено. Доколку нема некои драстични промени во пристапот и играта, тогаш мечот со Сасуоло треба да е последен за Монтела, идентично како и за некои од негововите претходници.
Дека ќе имавме ужасен меч против АЕК, без оглед на жешкиот терен во Атина, се виде уште во првите 10 минути. На терен излегоа 11 играчи кои немаа никаква идеја, никаков план, никаква хемија. Мачна за гледање е таа статична игра, без вистински координиран пресинг, со еден куп неточни кратки додавања, неповрзаност на средниот ред со задната и предната линија. Играта на моменти беше толку статична што играчот што ги почнуваше нападите (Бонучи) правеше продор од 20-30 метри до средината на противничката половина и тука го завршуваше нападот.
Ужасен податок добивме по завршување на првото полувреме, а тоа е фактот дека сме немале допир со топка во противничкиот шеснаесетник цели 45 минути, иако во тимот имаше двајца напаѓачи. Срамен перформанс од тим кој ваквите натпревари треба да ги добива рутинирано и без премногу напор. Очигледно, такви натпревари за нас во оваа сезона нема да има.
Јалови обиди, една статива на Монтоливо и константата закана од домаќините кон голот на Донарума би било накратко сумирано она што се случуваше на гостувањето кое сите сакаме што побрзо да се заборави. Дел од навивачите (оправдано) се на мислење дека во тимот се случува тивок отпор и саботажа на Монтела. И има доволно аргументи за тоа. Тоа се играчи кои играле на значително повисоко ниво во минатото и сигурно не заборавиле да го прават тоа оваа сезона. Но факт е дека делуваат млитаво, без желба и мотив. Ако недоволната координираност ја препишуваме на невоиграноста и целосната реконструкција на тимот летово, тогаш што се случува со агресивноста? Логично би било во тој тим полн со новајлии, староседелците да се борат да го зачуваат местото и статусот, а новите да гризат за минута повеќе на терен. За жал, ниту едното, ниту другото го гледаме.
Но ако ја исклучиме оваа теорија и веруваме дека резултатите изминатиот месец се само лош период, тоа мора да го докажеме уште на следниот натпревар. Не очекува тежок распоред во Калчото, односно две гостувања. Првото, во Реџо Емилија кај Сасуоло овој викенд, во недела. Дали Монтела го очекува судбината на Алегри и Михајловиќ, па по натпревар со Сасуоло ќе го заврши престојот во Милано, најверојатно ќе дознаеме во неделата што следува.