Најава | Торино – Милан: Победа во овој и во сите преостанати натпревари

by Daniel

По нерешениот резултат со второпласираниот Наполи, најмногу благодарение на одбраната на Џиџо во последните секунди од натпреварот, на Милан му претстои гостински натпревар против екипата на Торино. Росонерите играат очајно овој Април, а Момците на Рино Гатузо се во серија од 4 натпревари без победа. Последната победа на Милан беше на 19ти Март, против Киево каде со помош на голот на Андре Силва успеаа да победат со резултат 3-2 иако на полувремето губеа со 1-2.

Торино влегува во овој натпревар по реми без голови против Киево и им се итекако потребни бодови во мечот против Милан, доколку сакаат да се вратат во Европа. Тие моментално се наоѓаат на 10то место со 46 поени и се во трка со Фиорентина за место во Лига Европа. И покрај лошиот резултат со Киево, екипата на Валтер Мацари е непоразена во последните 4 натпревари, а нивниот најдобар напаѓач, Андреа Белоти, е во добра форма по враќањето од повредата и има постигнато 3 гола во изминатите 4 натпревари. Il Gallo веќе подолго време е поврзуван со трансфер во Милан, па за очекување е да покаже одлична игра против своите потенцијални купувачи.

Рино Гатузо и неговиот Милан влегуваат во овој натпревар со една цел – победа и зацврстување на позицијата која води во Лига Европа наредната сезона, бидејќи пласманот во Лигата на Шампионите од натпревар во натпревар е се подалеку и подалеку. Исто така, вреди да се напомене дека, доколку не успеат преку лигата, Милан има шанси за пласман во Лига Европа и преку Купот на Италија, каде треба да се сретне со Јувентус во финалето.  Околку составот, Рино Гатузо има поголеми проблеми во однос на својот колега од Торино. Милан ќе биде без услугите на Ромањоли, кој се уште не ја санираше повредата заработена на мечот против Сасуоло. Позитивната вест е враќањето на Лео Бонучи, кој го пропушти мечот против Наполи поради суспензија. За партнер на Бонучи во одбраната, Рино Гатузо ќе треба да одбира помеѓу Запата и Мусакио, кои одиграа на висината на задачата и успеаа да го зачуваат голот на Милан на мечот против Наполи. Според повеќе италијански медиуми, се очекува Биглиа да добие заслужен одмор, а неговото место да го завземе Монтоливо и заедно со Кеси и Бонавентура, да ја комплетира тројката во средниот ред. Во напаѓачката тројка, обезбедено место имаат Сусо и Чалханоглу, додека пак за местото во нападот ќе се борат Кутроне и Силва, имајќи го во предвид бледото издание на Калиниќ против Наполи.

Вреди да се напомене и еден интересен податок кој вели дека Милан се непоразени во последните 21 натпревар против Торино (дома и гости), една огромна серија која датира од Ноември 2001 година, кога Торино последен пат успеа да го победи Милан.

Иако фокусот на пласман во Лигата на Шампионите бледее, Милан е големо име и во секој натпревар мора да оди на победа. Целта е јасна, победа во овој и во сите преостанати натпревари, па на крај ќе се види дали тоа било доволно за Лигата на Шампионите или сепак, Лига Европа.

You may also like

Leave a Comment