#TBT | Џани Командини – Инстант херој!

by admin

Кога се споменува името на Џани Командини, тоа претставува вистинска непознаница за повеќето фудбалски фанови. Но, не и за навивачите на Милан. Особено не на Интер. Иако се сметате за вистински фудбалски познавачи, ќе останете во недоумица кога шетате низ Милано и ќе наидете на момчето кое навивачите на Милан сеуште го запираат да добијат автограм…

Џани Командини е роден во Чезена, каде и ја почнува својата кариера. Откако минува одреден период во Монтеварки, Чезена и Виченца, фудбалската судбина сака тој да заврши во Милан. Купен е за 30 милиони лири и станува наследник на деветката на легендарниот Жорж Веа. Прилично амбициозно. Анализирајки ја неговата статистика, повторно остануваме подзачудени – само два гола на тринаесет меча за Милан во сезоната 2000/01.

Но, што е она што Џани Командини го направи херој? Тој е момчето чиј фудбалски пат го одбележа нешто кое го сонуваат сите миланисти. Постигнувањето гол на Дерби дела Мадонина е нешто неопишиво, а на Џани тоа му успеа на двапати.

Фудбалските богови му се наклонија тој 11ти мај 2001ва. Дваесет и четири годишниот играч од нападот стартува на своето прво градско дерби. По само две минути, на центаршутот од Сержињо налетува Командини и го доведува Милан во водство, најавувајки го поразот на Интер кој претстои. Малку подоцна, повторно истата комбинација и веќе е 2-0. Тоа му се единствените два лигашки голови за Милан, но на милановите навивачи сеуште им е потсетник на најголемата победа над градскиот ривал во поновата историја – 6-0.

Но, како што вели: “Иако фудбалскиот свет е убава и интересна околина, истовремено бара и многу жртвување“. Оваа комбинација го правела премногу уморен, па на 28 години ги остава копачките и решава да се исправи на сурф даската.

Фудбалскиот терен кој го делеше со Шевченко и Малдини го замени со високите бранови во Бразил, Коста Рика, Мексико, Нов Зеланд, Шри Ланка…

“Се заљубив во даската за сурф, со неа нема никакви правила ниту обврзувачки договори. Тоа е спорт кој ти нуди слобода, токму онаа слобода која ја барав…“ изјави тој.

И кога сите медиуми ја споделуваа необичната животна приказна на милановиот инстант херој, тој понуди уште поинтересен развој на настаните. “Пропатував многу, но на крајот, повторно се враќам на она што беше моја пасија како дете, диџејството“.

Џани Командини денес е сопственик на ресторан во својот роден град, каде повремено е во улога на диџеј. Фудбалот го почитува зошто му овозможил да живее убав живот. Не поседува ферари и скапа вила, како што вели, не затоа што не може да си дозволи, туку затоа што тоа не е неговиот стил на живот.

 

You may also like

Leave a Comment