Изминативе неколку недели беа навистина тешки за Милан. Сите во клубот, како и фановите низ целиот свет, ја очекуваат одлуката од УЕФА во врска со ФФП правилата. Но вчера, објавувајќи го продолжувањето на договорот на Алесио Ромањоли, клубот испрати силна порака во врска со иднината на Милан. Објавата за новиот договор на Ромањоли одеше во живо на социјалната мрежа Фесјбук, каде по кратка тура околу Каса Милан, Ромањоли во присуство на Фасоне и Мирабели потпиша продолжување на својот договор до 2022 година.
По формалниот дел и потпишувањето на договорот, следеа кратки изјави од присутните, а прв со свое видување беше Марко Фасоне:
Со голема гордост и задоволство објавуваме дека Алесио ќе остане со нас уште најмалку 4 години. Навистина беше смешно читајќи ги весниците и медиумите во врска со другите екипи [Ромањоли се поврзуваше со трансфер во Јуве], бидејќи ние пред неколку недели постигнавме договор со играчот и неговиот агент. Ја започнуваме новата сезона со потврда дека еден од столбовите на нашата иднина останува во тимот.
Мирабели, кој по потпишувањето на договорот го однесе Ромањоли кај тренерот Гатузо, се надоврза на изјавата на Фасоне и додаде:
Тој воопшто не се двоумеше да се врзе за Милан на толку долг период. Јас морам да му кажам “браво” на момчето, кого го сметам за еден од најдобрите во овој тим. Сигурен сум дека ова нема да биде последното продолжување на договор со Милан, тој ќе остане уште многу години во црвено-црниот дрес.
Последниот збор беше кај Ромањоли, кој е во Милан од 2015 година и заедно со Бонучи го формираат еден од најдобрите дефанзивни тандеми во лигата:
Јас сум многу среќен во Милан, живеам добро, го сакам градот и се чувствувам како дома со тимот и клубот. Се надевам дека ќе останам тука уште многу години, да освојам многу трофеи и да го вратам Милан онаму каде што припаѓа. Им се заблагодарувам на Фасоне и Мирабели, се надеваме дека ова ќе биде обнова која ќе не однесе кон многу задоволства, оваа година и годините што следат. Уште еднаш, би сакал да им се заблагодарам на сите. Сега е време да уживаме во одморот, па се гледаме во јули со полна енергија за новата сезона.