Атина, веднаш по Милано, е веројатно вториот омилен град за секој росонер. Особено за современата генерација навивачи. Причината е едноставна: ние се сеќаваме на 2 од најголемите успеси на клубот остварени токму во грчкиот главен град. Беа тоа финалињата на Лигата на Шампионите во 1994 и 2007 година. Да се потсетиме на двата незаборавни натпревари.
Финале на Лига на Шампиони 1994: Милан 4-0 Барселона
Милан (5-4-1): Роси; Тасоти, Панучи, Албертини, Гали, Малдини; Донадони, Десаи, Бобан, Савичевиќ; Масаро. Тренер: Капело.
Барселона (4-3-3): Зубизарета; Ферер, Гвардиола, Куман, Надал; Бакеро, Сержи, Стоичков; Амор, Ромарио, Бегиристаин. Тренер: Кројф.
Милан со многу проблеми и без неколку од најважните играчи на тимот на мегдан против, во тој момент според многумина, најдобрата екипа во светот, предводена од Ромарио. Капело без Барези, Костакурта, Ван Бастен, Лентини… Целосно фокусираниот пристап и мотивацијата од една страна, и потценувачкиот однос на тимот на Барселона од друга, доведе до крајно неочекуван резултат и едно од најголемите изненадувања во финалињата на Европските купови. Огромни 4-0 за Милан, за петтата титула во најсилното европско фудбалско клупско натпреварување.
Финале на Лига на Шампиони 2007: Милан 2-1 Ливерпул
Милан (4-4-1-1): Дида; Одо, Неста, Малдини, Јанкуловски; Гатузо, Пирло, Амброзини, Сидорф; Кака; Инзаги. Тренер: Анчелоти.
Ливерпул (4-2-3-1): Реина; Финан, Карагер, Агер, Рисе; Алонсо, Маскерано; Пенан, Џерард, Зенден; Кајт. Тренер: Бенитез.
После еден од најгорчливите порази во поновата историја, во финалето од Истанбул во 2005 година, ново финале против должникот Ливерпул, овојпат во Атина. Ливерпуп едноставно мораше да плати за раните кои уште не беа залечени. Во тоа беа решени играчите на Милан и тоа беше очигледно уште од стартот. Доминација во првото полувреме, зачинета со гол “со колк” на Инзаги, баш пред истекот на полувремето. Уште еден гол на Инзаги на десетина минути пред крајот со оној познат “најбавен шут во историјата”. Ливерпул со гол до крајот, но недоволен за нов историски пресврт. Со тоа Милан го одмазди Истанбул и ја освои седмата, последна титула во ЛШ.