“Football is born in the brain, not in the body. Michaelangelo said he painted with his mind, not with his hands. So, obviously, I need intelligent players. That was our philosophy at Milan. I didn’t want solo artists; I wanted an orchestra. The greatest compliment I received was when people said my football was like music.”
Решив овој тектст да го започнам токму со овој цитат затоа што најдобро го опишува тренерот кој за многумина е револуционер на фудбалот во Италија и воедно е и човекот кој ги постави темелите на овој модерен фудбал кој го гледаме денес.
Ариго Саки е роден во малото место Фусињано во Италија и пред да ја започне својата тренерска кариера мора да напоменеме дека нема играно професионален фудбал и тоа е една од главните критики на медиумите и луѓето околу него кога му предвидувале неуспешна кариера како тренер.
Авантурата на Саки започнува кога почнува да го менаџира локалниот клуб Барака Луго само поради тоа што не е доволно добар за да игра за нив но тоа ќе биде и почеток на кариера каква што тој не ни замислувал.
Веднаш потоа следуваат Беларија, Чезена и Римини, каде во Римини настапувајќи во Serie C1 тој за малку не успева да им ја донесе титулата.
Неговото пробивање во светот на фудбалот се случува додека е тренер на младинците во Фиорентина и поради стилот на игра и неговите успеси го привлекува интересот на Парма, која тогаш настапувала во Serie C1.
Во првата сезона со Парма тој веднаш успева да ги промовира во втората по ранг лига во Италија и наредната сезона завршува на само 3 бода од Серија А но тоа што ја има воодушевено јавноста и најверојатно ќе биде клучно за неговиот ангажман во Милан е победата над Милан истата сезона во Купот на Италија со 1-0.
Ова во тоа време било и повеќе од доволно за да го привлече интересот на тогаш младиот и доста амбициозен сопственик на Милан, Силвио Берлускони, па затоа следната сезона тој е веќе прв тренер на гигантот Милан.
Пречекот во Милан не е воопшто пријателски, уште пред првиот натпревар е “распнат” во медиумите и на неговиот ангажман се гледа со голема недоверба и скептицизам. Се поставуваат и прашања како можел Берлускони да ангажира тренер кој претходно не бил професионален фудбалер и слично но демантот од Саки ќе пристигне уште во првата сезона.

Во првата сезона со Милан тој има инстантен успех и го освојува првото скудето по пауза од 9 години заедно со Супер Купот, а клучни играчи за овој подвиг се тројцата “Летечки Холанѓани” кои беа ангажирани по негово барање заедно со основата на Милан која ја сочинуваа играчи како Донадони, Барези, Костакурта и Паоло Малдини.
Неговата кариера во Милан трае само 4 години но доживува кулминација во втората и третата сезона каде за прв пат некој тим ја освојува тогашната Лига на Шампиони два пати едно по друго и Милан во тие моменти е несомнено најдобрата екипа на Апенините и во светот.
За да се пишува за Ариго Саки не е воопшто тешко и би било многу досадно доколку само ги набројуваме неговите успеси, а не откриеме дел од неговите револуционерни методи на тренинг поради кои некои скаути би ја изгубиле работата и би ве оставиле зачудени запрашувајќи се за генијалноста на овој лик.
Имено во една пригода пред мечот Милан – Реал Мадрид гостинскиот тим испратил скаут во Миланело чија главна задача била да дознае која ќе биде тактиката на Саки и како тренираат играчите но бил запрепастен од тоа што го видел и се вратил во Мадрид буквално со никакви информации.
Во тоа време Ариго Саки го усовршувал стилог на игра со име “Shadow play” каде на тренинг на своите играчи ќе им фрлел имагинарен фудбал и тие според тоа требало да се постават и да развијат игра.
Натпреварот против Реал Мадрид заврши со 5-0 и еден од најголемите дебакли на кралскиот клуб во Европа.
Овој начин на тренинг им има помогнато да го усовршат до максимум зонското маркирање и до максимум да ги искористат своите напаѓачки способности.
Омилената формација на Саки била 4-4-2 но тој како тренер бил многу прилагодлив и не верувал во ограничени играчи кои би играле само една позиција туку баш напротив според него секој играч морало да се снаоѓа секаде на теренот доколку сака да биде дел од неговиот тим.
Авантурата во Милан можеби не му трае премногу но тој несомнено ги има поставено темелите на тој Милан кој доминирал во Италија и во светот во текот на 90-тите.
Како резултат на пренапорната работа и пренапорните тренинзи за кои веќе играчите почнале да се жалат тренерската кариера во Милан му завршува во 1991 година, каде потоа Саки е на чело на фудбалската репрезентација на Италија, со која најголемиот успех му е второто место на СП 1994.
За крај иако од крајот на неговата кариера се поминати безмалку 20-тина години тој се уште важи за еден од најреномираните и најпочитуваните фудбалски тренери и многу луѓе кои биле сведоци на тие златни фудбалски години му се благодарни за фудбалскиот стил кој го негувал и имал една и единстена цел – да ги забавува луѓето кои се дојдени да го гледаат.
Grande Sacchi! Forza Milan!!!!