Милан синоќа на Сан Сиро ја победи Сампдорија и ја продолжи серијата без пораз на 10 натпревари. Милан по вторпат во низа победуво во натпревар против екипа подобро пласнирана во Калочото. Милан на Гатузо игра препородено, непрепознатливо. Игра течно, креативно, офанзивно и лесно. Играчите делуваат како да летаат по теренот, транзицијата е мазна, одбраната цвеста и компактна. Дел од играчите имаа таква позитивна трансформација, што од играчи блиску до трансфер листата, станаа носители на играта.
А Гатузо скромен, како и секогаш. Успехот бил заслуга само на играчите, а тој и неговиот тим само го пренели замислите и новиот концепт. Но сите знаеме дека не е така. Рино прави повеќе вон, отколку на теренот. Ги мотивира со најчудните можни методи, со заушки, им ја зголемува мотивацијата со дерење, ги теши веднаш по промашен пенал… Гатузо не е тренер со бескрајна фудбалска имагинација, ниту со десет различни сценарија за секоја ситуација на теренот. Но тој дише за Милан, а очигледно и доста работи. И тоа го пренесува на играчите. Им пренесува што значи да се носи дресот на Милан, како треба да се однесуваш кон навивачите, кон противникот, и можеби најважно, како треба противникот да се однесува кон тебе.

Милан полека се претвора во екипа од која и сериозните конкуренти почнуваат да стравуваат. И ова не е кажано во еуфорија од последните резултати. Сампдорија синоќа беше одличен пример за тоа. Некој ќе рече дека Самп не е на нивото на Милан и дека моменталната позиција на табелата е сплет на околкности, но без оглед, Сампдорија синоќа се повлече, се уплаши пред налетот на страшниот Милан. Истата таа Сампдорија која го збриша Милан на Мараси во септември. А ги збриша и Јувентус и Рома, пред само 20тина дена.
Синоќа Милан го имаше, според многумина, најдоброто полувреме сезонава. Се навраќам на најдобрите моменти и гледам вистинска рапсодија. Таква полетност, слободна игра, креативност. Милан отвори толку силно, што веднаш доби шанса да поведе. Еден од најдобрите вчера, Калабрија, нафрли, Силвестре блокираше со рака, а Довери досуди пенал. Прецизниот од Разград, Родригез, доби нова шанса за гол, но шутираше млако, а Вивиано е доволно искусен за да одбрани таков удар. Тоа беше првиот момент на испит на карактерот на она што милуваме да го кажеме “новиот Милан под водство на Гатузо”.
Момците го совладаа предизвикот, ја урнаа психолошката бариера и не останаа помалку потивирани заради пропуштената шанса. Само 12 минути по пеналот Милан доаѓа во водство. Калабрија и Бонавентура стануваа опасно комбо. Помладиот интелегентно нафрли, сочекувајќи го Џек да се уфрли во срцето на шеснаесетникот, а овој заби во голот на гостите. И фуријата продолжи. Кутроне се обиде со глава, после тоа Биглиа со удар од 20-тина метри, па Хакан со блокиран шут во последен момент. На две минути пред крајот на полувремето Милан се обиде да го затвори натпреварот. Воиграна акција од прекин, Сусо со долг пас до Хакан, турчинот нафрлува со послабата нога, а на неа налета Бонучи и ја заби во мрежата на Вивиано. За жал, голот беше оправдано поништен заради офсајд.

Второто полувреме не значеше смирување на темпото за Милан. Хакан отвори со одличен шут, кој заврши во пречката. Веднаш после тоа, длабоко нафрлување кое за жал никој не го искористи, иако Кутроне беше многу блиску. До крајот уште неколку убави шанси за Хакан, Сусо, Калабрија… но завршува 1-0. Не беше убедливо, но сосема доволно.
Милан е нова екипа, особено од нова година навака. Агресивноста и гладта за успех и нови победи се нова карактеристика во тимот. Летаргијата и статичноста се заменети со живост и флуидност. Во последните неколку натпревари забележлива е придобивката од менувањето на позициите, од ротацијата, особено кај играчите што играат во иста вертикала. Хакан и Џек комбинираат магично, а тоа му дава повеќе простор и на Родригез. На другата страна, Калабрија редовно се надроврзува кај Сусо, знаејќи дека Кеси или синоќа Монтоливо ја покрива бековската позиција. Самодовербата е до небо и тоа е особено важен процес за Чалханоглу. Пред само месец дена се размислуваше за негова продажба или позајмица, а синоќа беше креатор на повеќе од половина од шансите на Милан. Слично се движи развојот и на Калабрија, но и на стоперското дуо. Бонучи и Ромањоли, од киксери, се претворија во најдобриот дефанзивен тандем во Италија. Со нив, од нова година навака Милан има примено неверојатно 3 гола на 8 натпревари. Џиџо има 8 празни мрежи во 25 натпревари во Калчото, што ќе рече секој трет натпревар. И најважно, Милан е на само 7 бода од Лигата на шампионите!

Но ништо не е готово, ни оддалеку. Милан толку многу го оплеска првиот дел од сезоната што сега секој натпревар е да се биде или не. А и распоредот во следните две недели е застрашувачки. Следува реваншот со Лудогорец на Сан Сиро во четврток, каде се очекува Гатузо да излезе буквално со вториот состав и да ги одмори носителите на играта за гостувањето кај Рома следниот викенд. Престојот во Рим ќе потрае со оглед на реваншот од полуфиналето на Купот на Италија против Лацио, повторно на Олимпико. Овој пеколен период ќе кулминира со Дербито на Милано на 4 Март. Ако Милан успешно ги преброди овие 2 недели, само небото ќе биде граница! Ајде момци, само напред!
П.С. Го гледаш видеово и душата ти се полни, а богами и очите…