Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

После Северин, Скопје, Милано, Удине, Разград и Лондон, на ред беше Рим. После сите гостувања и домашните натпревари во Серие А и Лига Европа, дојде и Копа Италија. И не било кој натпревар, туку големото финале. Тоа беше финалето што требаше да ја заокружи сезоната за Милан, но и за нашиот фан клуб – Милан Фанс Македонија. Во нашата прва сезона како официјален фан клуб пропатувавме километри и километри, за да сме заедно со нашиот Милан. Средата во Рим ја замислувавме и како своевидна награда за трудот, за поддршката кон клубот, не штедејќи притоа ни време, ни пари, ни гласни жици.

За жал, не го прославивме освојувањето на Купот. Сосема спротивно на нашите очекувања, претрпевме висок, убедлив пораз. На трибиниете се зборуваше дури и дека ни се случила “Атина ‘94”, само овојпат во обратна насока. Не во смисла дека Милан беше изразит фаворит против Јувентус или дека противникот бил потценет на терен, туку заради очекувањата, заради фактот што целата северна трибина беше уверена дека тој ден Милан ќе го освои трофејот. Така и се однесуваше црвено-црната страна на Олимпико. Далеку побучна и пораспеана, дури и во моментите кога натпреварот беше решен. Едноставно, жарот и пасијата како да беа сместени само на едната страна на стадионот. Кореографијата, неспоредливо поинвентивна и поинтересна од црно-белата од спротива. Една од оние легендарните, од која ќе се прават постери во годините што доаѓаат. Курва Суд беа на висина на задачата и вистински инспиратор за целата северна половина на стадионот.

Беше вистинско уживање да се биде таму, без оглед на резултатот. Воопшто не зажаливме за двете ноќи поминати во патување и без сон. Горчината од поразот кратко траеше за тоа што знаеме дека за брзо ќе се вратиме по она што ни припаѓа. Знаеме дека многу скоро, заедно со нашите херои, ќе славиме трофеј!

Dopo Istanbul, c’è sempre Atene! Forza Milan e Forza Milan Fans Macedonia!