by admin

За нас

Милан Фанс Македонија е еден од најстарите спортски фан клубови во Македонија, формиран во декември 2006. Во првите неколку години од постоењето, фан клубот функционираше на блог платформа, која редовно беше апдејтирана со нови содржини поврзани со Милан.

Блогирањето како главен начин на онлајн комуникација во тој период, развиваше култура на дискутирање, споделување на информации од заеднички интерес и градеше поврзаност помеѓу десетината пасионирани росонери на блогот. Milan Fans MKD, како што беше именуван блогот, создаде и цврсти пријателства и другарување надвор од виртуелниот простор.

Социјални мрежи

Со развојот на интернет комуникацијата, особено на социјалните мрежи, се јави потреба, но и желба од миграција и менување на навиките. Така, во Август 2012 беше промовирана Фесјбук страната Milan Fans MKD, подоцна Milan Fans Macedonia. Неспоредливо пошироките опции што ги понудија социјалните мрежи, значеја и поголема застапеност и видливост на активностите на фан клубот. Следењето на модерните трендови значеше проширување на Милан Фанс Македонија најпрво на Твитер, а потоа и на Инстаграм.

Associazione Italiana Milan Clubs

Летото 2017, после долги разговори и планирање Милан Фанс Македонија го направи веројатно најважниот чекор – официјализација на фан клубот под капата на Associazione Italiana Milan Clubs. AIMC претставува организација одговорна за координација на сите официјални фан клубови на Милан во светот. Со тоа, македонските росонери за првпат добија прилика да членуваат во официјален македонски фан клуб кој е мост меѓу сите вистински росонери и клубот.

Здружение на граѓани

Милан Фанс Македонија е регистрирано здружение и функционира како редовно правно лице, со свое седиште, сметка, статут, органи на управување и членство кое расте секојдневно.

Мисија & Визија

Мисијата на Милан Фанс Македонија е организација и обединување на сите навивачи на Милан во Македонија, со цел да го одржиме статусот на официјален фан клуб, да ја афирмираме љубовта кон Милан, и да ја прошириме фан базата. Нашата визија е преку организирање на настани, патувања и одржување на контакти со претставници на клубот, да создадеме силна и препознатлива заедница која ќе го промовира духот на тимска работа, заедништво и страст за фудбалот.

Денес

Милан Фанс Македонија продолжува со истото темпо и денес, овозможувајќи им на нашите фанови незаборавно искуство на стадионите ширум Италија и Европа, како и во Скопје, на нашето збирно место во кафулето Play All Day на ул. Македонија.
Придружете ни се и вие на оваа неверојатна авантура, да создаваме спомени и историја заедно со нашиот Милан!