Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

31ви октомври за многумина е само еден обичен ден. Но не и за црвено-црната армија. За фановите на Милан, тоа е денот кога е роден Лебедот од Утрехт, големиот Марко Ван Бастен.

Роден и израснат во Утрехт, ван Бастен го започна својот фудбалски пат во локални тимови. Но, во ’81, на свои 17 години, го привлече вниманието на фудбалските гиганти, меѓу кои беше Ајакс, кој успеа да го донесе во своите редови.

Чувство за простор, интелигентни движења и добра поставеност на теренот се само дел од карактеристиките кои го красеа Марко Ван Бастен. Но во едно беше незаменлив – снаодливоста во шеснаесетникот. Сево ова брилијантно го покажа играјќи под палката на Јохан Кројф, каде од 1985 до 1987 година, постигна 80 гола во 72 настапи во сите натпреварувања.

Покрај успесите со клубот, ван Бастен имаше и значајни моменти во репрезентацијата. За издвојување е Евро ’88 во Геманија, каде Марко го достигна врвот во репрезентативниот фудбал. Турнирот го започна од клупата, гледајќи го поразот на Холандија против Советскиот Сојуз. Веќе на наредниот натпревар, доби шанса која ја искористи максимално – хет трик и победа против Англија. Фантастичната игра на ван Бастен и дружината успеа да им донесе на холанѓаните финале против Советскиот Сојуз.  И тогаш се случи оној гол. Се случи историја…

Додавањето делуваше како бесконечно. Арнолд Михрен нафрли толку високо, што за момент сите помислија дека топката нема да се врати во теренот. Само една работа можеше да го спаси овој очаен центаршут на Михрен. Арнолд имаше среќа. Холандскиот играч со бр.12, не откажувајќи се од лошиот центаршут на својот колега, следејќи го летот на топката, успеа да се постави и да ја дочека топката точно на својата десна нога. И тогаш се случи експлозија. Лошиот и висок центаршут беше преточен во фантастичен волеј удар кој резултираше со гол и ерупција на трибините. Во тој момент, со тој удар, играчот кој до пред две недели беше резерва, стана легенда. Марко ван Бастен влезе во историјата.

 

Во Милан, Марко заедно со своите репрезентативни колеги, Гулит и Рајкард, беше дел од фудбалската револуција предводена од Ариго Саки, која резултираше со многу титули, меѓу кои и 4 титули во италијанското првенство, 2 титули во Лига на Шампионите. Марко исто така успеа три пати да се закити со титулата Златна Топка, еднаш беше прогласен за најдобар играч во светот од страна на FIFA и два пати беше прогласен за “capocannoniere” во италијанското првенство (’90 и ’92).

На жалост на целата фудбалска јавност, блескавиот тек на кариерата на ван Бастен мораше принудно да заврши, а причина беа повредите. После неколку неуспешни операции и скоро 2 години надвор од фудбалските терени, Марко реши дека е доста.

18ти август, 1995 година. Милан на Капело играа против Јувентус, во рамките на Трофео Берлускони – меч кој се игра во чест на таткото на Силвио Берлускони, Луиџи. Играчите кои излегуваа од тунелот, беа придружени од Марко Ван Бастен. Лебедот од Утрехт дојде да се прости со публиката и со својот дом – грандиозниот Сан Сиро. Фабио Капело важи за човек кој ретко покажува емоции, човек кој секогаш важел за строг, суров и на моменти груб. Но тогаш, на тој 18ти август, Капело заплака. Плачеше целиот Сан Сиро. Мечот заврши со реми без голови, за прв пат во историјата на Трофео Берлускони. Симболиката позади ремито без голови беше јасна – на денот кога, за многумина најдобриот напаѓач на сите времиња, реши да се пензионира, беше природно и логично мрежите да мируваат.