Го преживеавме незгодното гостување кај Сасуоло и се враќаме со полн плен назад. Да си признаеме, немаше премногу меѓу нас што веруваа во победа без примен гол. А и почетокот на натпреварот не навестуваше промена кон позитивно. Истата таа некреативна игра, лесно читлива за противникот, предвидлива. Траеше тој период добри 30тина минути. Во тој пола час игра и една принудна замена на Монтела по новата повреда на Калабрија.
Тоа што се случуваше во последните 10 минути од првото полувреме го најави развојот и кајниот исход од натпреварот. Најпрво Борини имаше еден, незгоден по Конзиљи, удар од далечина. Следуваше огромна шанса за Калиниќ кога по центаршут на Кеси, од 6-7 метри и комплетно небранет, не успеа со глава да го отвори натпреварот. Конзиљи уште еднаш одбрани и ја исфрли топката во корнер. Грешката на Калиниќ ја поправи Ромањоли, баш по тој корнер и иако на многу сомнителен начин во судар со противничкиот голман, сепак успеа да го постигне тој толку потребен и посакуван гол. До крајот на полувремето, една ѕверска реакција на Бонучи која не спаси од одлична прилика за домашните.
Во второто полувреме состојбата на теренот се промени. Милан изгледаше поопуштено и значително ја раздвижи играта. Пробивите и креацијата на шансите одеше по главно по десната страна, каде фино се надополнуваа Сусо, Кеси и Абате. Токму Сусо, преку негова типична индивидуална акција, го постигна вториот гол, петти во првенството и ја заклучи толку потребната победа за Милан. После голот на Сусо, играта на Сасуоло комлпетно се распадна, а Милан имаше неколку убави прилики преку Кеси, Калиниќ и Локатели, но голманот остана единствената светла точка на Сасуоло.
Ова беше победа што не искачи на 7то место, на 4 бода заостанување од Сампдорија, која има еден натпревар помалку (со Рома). Останатите екипи од врвот на табелата имаа релативно успешно коло, што го прави нашиот приклучок кон врвот уште потежок. Сепак, синоќа видовме подобрувања во однос на двомечот со АЕК и дербито до Јувентус и тоа во неколку клучни сегменти од играта. Синоќа по подолго време го видовме вистинкото лице на Бонучи – вистински лидер, со клучни интервенции, со прецизни додавања, без грешки во нашата третина од теренот. И остатокот на одбраната на ниво, пред се Ромањоли со голот. Средината делуваше сигурно и стабилно, Кеси го имаше еден од подобрите натпревари сезонава. Борини е убедливо најпожрвуваниот играч во тимот и тоа му носи значителни минути во првиот состав. Мобилен и борбен, го има на секој дел од теренот, поточно онаму каде што треба да помогне, во одбрана и во напад. Офанзивниот дел од тимот беше најслабиот синоќа, со оглед на бледите настапи на Калиниќ и Хакан. Тие двајца беа далеку најлошите росонери на теренот. За разлика од нив, Сусо повторно беше главната закана, главниот креатор во тимот. Без Сусо во моментов, Милан е комплетно различна екипа.
Сега одново репрезентативна пауза и викенд без Калчо. Тоа е можеби и добро за Монтела и неговите соработници, како подобро би ги подготвиле пристапот и тактиката за тешкото гостување кај лидерот Наполи. Одиме напред и на победа на Сан Паоло!
FORZA MILAN!